И НИЕ ПОСТОИМЕ !


ДА ГИ НАДМИНЕМЕ БАРИЕРИТЕ ЗАЕДНО, КАДЕ И ДА СЕ, ЗАТОА ШТО И НИЕ ПОСТОИМЕ, ПОРАЧАА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД ГЕВГЕЛИЈА
„Иако сме лица со попреченост, иднината на човештвото е во рацете на сите луѓе, ја имаме моќта да создадеме среќа, ја имаме моќта овој живот да ни биде слободен и убав, свет во кој на младината ќе се даде иднина, и свет кој ќе ни даде безбедна старост. Ние не бараме посебни права и не бараме привилегии. Бараме само да ни се овозможат сите оние компензациони права кои се цивилизациска придобивка на модерниот свет, прокламирани со многубројни документи, а пред се со Конвенцијата за права на лица со попреченост на ОН, ратификувана и потпишана и во нашата земја. И ние постоиме. И ние сме овде.И нас не грее исто сонце“. Ова беше главната порака на членовите на Заедницата на инвалидските организации од Гевгелија, кои ја испратија денес, на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември.
Членовите на Здружението на глуви и наглуви, Здружението на слепи, Здружението на лица со телесен инвалидитет-Мобилност, Здружението на лица со интелектуална попреченост-Порака, Здружението за пулмонална хипертензија „Момент Плус“, Центарот Мајка Тереза и Здружението на граѓани Changemakers4All, најнапред продефилираа низ центарот на Гевгелија, за да ја подигнат јавната свест дека лицата со посебни потреби постојат, не треба да бидат игнорирани туку да бидат вклучени во заедницата како еднакви и рамноправни членови во неа.
Дефилето заврши во Народниот театар во Гевгелија каде пред граѓаните се обратија претседателите на сите здруженија. Тие побараа од државата и, пред се од локалната самоуправа подобрување на условите за живеење, вработување на работоспособните членови на овие здруженија без никаква дискриминација, овозможување безбедно движење по улиците и тротоарите, полесен пристап до институциите со мобилни платформи, да нема отворени шахти, да нема обраснати со трева тротоари и улици, и да нема непрописно паркирани автомобили за непречено движење на слепите лица.
„Решенија има само е потребно да се вклучиме во процесот на детекција и решавање на проблемите. Исто така е потребно и бизнис секторот малку повеќе внимание да посвети во адаптација на нивните објекти, наместо едно или две скалила да каде што има услови да се направи рампа со што би ни го олесниле пристапот до истите, и би овозможиле и ние да бидеме корисници на нивните услуги. Со малку напор од сите можеме да успееме Гевгелија да биде целосно пристапна за лица со инвалидитет кои живеат тука, но и лицата кои како туристи ја посетуваат Гевгелија.“-порачаа лицата со хендикеп.
На лицата со попреченост им се обрати и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој рече дека општината и досега излегувала во пресрет на барањата на лицата со хендикеп, а тоа ќе го прави и во иднина. „Иако сме носители на одредени функции, ние, рече Поцков сме сепак луѓе, до нас допираат вашите барања и ќе направиме се бизнис секторот да покаже поголема општествена одговорност и да одвојува дел од својот профит како поддршка на вашите барања“.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, членовите на гевгелиските здруженија го завршија со пригодна културно уметничка програма.

Related Post

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*